Дудинката е овошје кое слободно можеме да кажеме дека неоправдано е запоставено, а преставува супер овошје.
Имено, тоа многу повеќе се користело порано во народната медицина, отколку што денес се користи во современата фитотерапија, иако во неа се содржат супстанции со висок превентивен потенцијал за лекување на многу болести на денешницата, било да се користи во свеж облик или да се подготвува сок од неа.
Порано речиси во секој двор можеше да се најде дрво од дудинка, а денес, за жал, таа слика е многу изменета и денешниве генерации растат без нив.
Плодовите на дудинката по изглед наликуваат многу на капините. Во себе содржи шеќери, витамини А, Б1, Б2, Ц и К, минерали и скапоцени влакна, а притоа има многу малку калории.
Постојат два вида распространета во Европа – црна и бела дудинка. Лисјата на белата дудинка биле важна сировина, бидејќи со нив се хранела свилената буба. Ова растение доаѓа од Кина, Јапонија и Индија, а во Европа ја донел Марко Поло во 1271 година. Тогаш се одгледувала токму поради производството на свила. По поново време, со појавата на синтетичките влакна, значително почнало да се намалува нејзиното одгледување.
Од друга страна, црната дудинка доаѓа од Персија и Арабија. Уште од дамнина била користена поради нејзините лековити својства. Уште старите Римјани ги откриле нејзините скапоцени вредности и ја користеле за лекување инфекции, цревни паразити и изгореници.
Белите дудинки зреат во јуни, а плодовите се со сладок вкус. А, црната дудинка започнува да зрее кон крајот на јули и плодовите по вкус и се горчливи и според лековитите својства ја надминува белата дудинка.
Овие мали плодови се неверојатно лековити и здрави.
Дудинка е овошје кое содржи шеќери (фруктоза и гликоза), витамини (А, Ц, К, Б1, и Б2), бројни минерали и скапоцени влакна. Има ниска калориска вредност, малку поголема од 43 калориии на 100 грама, поради што се препорачува при разни режими на исхрана и разни диети. Содржи и многу флавоноиди, меѓу кои се наоѓаат и рутинот и морозинот. Има и антоцијанини, исто така флавоноиди, кои на ова овошје му ја даваат црвената боја, а поседуваат антиоксидантни својства и делуваат против стареење. Уште еден моќен антиоксиданс во него е ресвератролот, кој делува против холестеролот и на тој начин одлично успешно го намалува ризикот од настанок на бројни кардиоваскуларни болести.
Моментално многу лаборатории се занимаваат со изолирање и екстракција на активните состојки од плодот на дудинките. Притоа многу често се наидува на нови активни состојки кои ги содржи ова чудесно овошје, како што е неодамна откриен екстрактот мулберофуран Г во неговата кора. Освен во плодот, антиоксиданси се откриени и во неговите листови и корен. Во Кореја, кората на дудинките ја користат дијабетичарите, поради тоа што има посебни видови флавоноиди. Од друга страна, кинеската традиционална медицина советува консумирање бела дудинка при случаи на анемија и констипација.
Последната студија ја има спроведено една група истражувачи на Универзитетот во Неапол, Италија. Тие дошле до заклучок дека екстрактот од бела дудинка, заедно со другите нитрацеутици, како берберинот и монаколинот К, го намалува нивото на ЛДЛ холестеролот, триглицеридите, како и нивото на шеќер во крвта.
Дудинка е овшје кое треба почесто да се наоѓа на нашите трпези. Ем вкусно ем здраво.
zemjodelie.mk