Скопје има осум музеи, Охрид четири, Битола два, а повеќето помали градови по еден. Но едно мало село од 200-300 жители, затскриено меѓу планините во централниот дел на Македонија, има дури пет. Горно Врановци е познатото село-музеј, со многу повеќе историја отколку што може да се очекува од еден таков изолиран крај. Но токму тоа била неговата предност во историјата што го направила славно.
Во еден момент од историјата, во Втората светска војна, ова мало селце на некој начин било главниот град на Македонија. Партизаните се бореле против неспоредливо помоќните окупаторски сили. Но имале добра стратегија, создале голема слободна територија во непристапните планински краишта во централниот и во западниот дел на Македонија. Таа територија, како и целата борба, се раководела од Горно Врановци. Тука бил Президиумот на АСНОМ, значи државното собрание, Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија, која била еден вид влада, Главниот штаб на НОБ, како денешен генералштаб, и ОЗНА, разузнавачката служба.
По конечното ослободување, сите тие институции се префрлиле во Скопје и таму функционирале. Но куќите во Горно Врановци, каде што биле сместени, денес се нивни спомен-музеи. Заштитени и одржани, го чуваат споменот на таа борба.
Музеите се мали, сите имаат по една-две соби, главно полни со стари документи или копии, големи фотографии од славното борбено минато и понекое парче оружје што го користеле партизаните. На нив точно може да се види колку било тешко, на пример по фотографијата од тројца партизани, сите облечени во различни униформи, кој каква успеал да најде. Но имало и интересни моменти, како тој кога готвачот со црпалката в рака застанал да се слика до борците со пушки.
Петтиот музеј е поинаков. Тоа е печатницата во која бил испечатен првиот број на дневниот весник „Нова Македонија“. Внатре е печатарската машина тешка еден тон, која партизаните кришум ја носеле в раце од Скопје до таму, преку планини и долини.
Во соседната соба може да се види и како се сложувале страниците за печатење, буква по буква. Тоа што денес се прави за неколку минути на компјутер тогаш било макотрпна работа. „Нова Македонија“ веќе не е ниту партизански ниту државен весник, но се` уште излегува, како најстар во Македонија и еден од најстарите на Балканот, со 69 години. Членовите на нејзината редакција секој октомври го посетуваат музејот, по повод годишнината од првиот број на 29 октомври 1944 година.
Шестиот музеј е спектакуларен. Но нели беа само пет? Да, но шестиот не е спомен-куќа важна поради историските настани од Втората светска војна, туку е милиони години постар. Тоа е природата околу Горно Врановци. Малата Врановска река во ова осојничаво место создава толку влага што камењата и корите од дрвјата се прекриени со мов.
Волшебна зелена земја како од „Господарот на прстените“. Водата се пробива низ камења, карпи, паднати стебла, а со секој чекор љубопитноста расте за тоа што има зад следниот мал водопад. Во природата, со малку среќа, ќе се сретнете и со некои од нејзините жители. Малите гуштери веројатно ќе бидат порасположени да позираат пред вашиот фотоапарат, но верверичките ќе ги снема за неколку секунди.
Низ Горно Врановци не прошетаа две момчиња што веќе се иселиле од таму во Горно Јаболчиште. Велат, има се помалку жители во ова село. Иако е оддалечено по триесетина километри од Скопје, Прилеп и од Велес, до него може да се стигне само преку Велес по тесен планински пат. И покрај тоа што е единствено со толку многу атракции, тешко се наметнува како туристичка дестинација. Дури ни за викенди.
Особено во последнава деценија, откога не работи хотелот „Врановци“. Изграден во 1986 година, дваесетина години ги пречекувал велешките работници од јавните претпријатија и многу други гости. Веќе не е отворен поради судските спорови околу сопственоста. Како секој друг хотел што одамна го испратил својот последен гостин, и овој сега изгледа како сцена од филмот „Сјаење“ на Стенли Кјубрик.
Стар, затворен, напуштен, тивок. Толку тивок што речиси може да се слушнат звуците од минатото, од гостите на големата тераса со поглед на реката или од оние во собите со прозорци завтрени кон планинските врвови. Но се слуша само ветрот, шумот на реката и минатото. Затоа што сегашност таму нема.
Гоце Трпковски