Фросина Ѓоргиевска од Ресен во деведесеттите години поради неможноста да најде работа, откако се затворија фабриките, со сопругот решиле овоштарникот кој го имаат од постарите со 400 стебла да го работат сериозно и да го прошират.
Нивните овошни насади претежно се во реонот на селата Болно и Покрвеник. На ваков начин си обезбедиле егзистенција иако со сопругот по професија се технолози, а секоја година овоштарникот добивал нови стебла, така што по десет години достигнале бројка од 7.000 стебла, и во иднина планираат оваа бројка да расте.
„Зголемувањето на овошните стебла одеше постепено, така што станаа 1.000, па стигнавме до 2.000, 3.000, и на крајот дојдовме до бројка од 7.000. Се работи со јаболката скоро цела година, можеби не секој ден, но по 20 дена во месецот има работа. Најмногу работа има во екот на бербата од септември до средината на ноември, и кога се врши резидбата. За берба имаме аргати. Оваа година имаме произведено 170 тони јаболка. Имаме јаболка од повеќе сорти, но 70% се од сортата ајдарет. Ни помагаат и децата колку што можат“, вели Ѓоргиевска.